1 Потоа имав друго видение. На небото видов отворена врата. Тогаш ми проговори истиот глас, силен како од труба, како и на почетокот, и ми рече: „Искачи се овде, за да ти покажам што ќе се случува во иднината!“
2 Тогаш паднав во занес и таму, на небото, видов престол и Некој што седи на престолот.
3 Ликот на Тој што седеше на престолот Му блескаше како скапоцените камења јаспис и карнеол. Околу престолот имаше круг од божилак, со боја на смарагд.
4 Исто така, околу централниот престол имаше дваесет и четири други престоли. На нив седеа дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на главите.
5 Од централниот престол излегуваа молскавици, грмежи и татнежи. Пред престолот гореа седум факли кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух.
6 Исто така, пред престолот се простираше нешто што прилегаше на стаклено море, бистро како кристал. Околу централниот престол имаше четири живи суштества полни со очи и однапред и одназад.
7 Првото суштество беше како лав, второто како јунец, третото со лице на човек, а четвртото беше како орел во лет.
8 Секое суштество имаше по шест крилја, и беа полни со очи и однадвор и однатре. Овие суштества деноноќно и без прекин викаат: “Свет е, свет е, свет е Господ, Семоќниот Бог, Кој отсекогаш постоел, постои и ќе дојде!“
9 Секојпат кога четирите суштества Му оддаваа слава, чест и благодарност на Оној што седеше на престолот - на Вечно Живиот -
10 во истиот миг дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум и Му се поклонуваа на Вечно Живиот, положувајќи ги своите венци пред престолот и говорејќи:
11 „Достоен Си, Господе и Боже наш, да примиш слава, чест и власт, зашто Ти си Творецот на се, и се што постои, Тебе Ти го должи своето постоење и создавање!“