Откровение 14:10-16 MNT

10 ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето!

11 Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име.

12 А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.

13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат службата!“

14 Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки, со златен венец на главата и остар срп во раката.

15 Тогаш од храмот излезе еден друг ангел и на цел глас Му рече на Оној што седеше на облакот: “Замавни со српот и почни да жнееш, зашто дојде времето за жетва; Земјата е зрела за жетва!“

16 Тогаш Оној што седеше на облакот замавна со српот и ја ожнеа Земјата.