Откровение 14:7-13 MNT

7 Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“

8 По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“

9 По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака,

10 ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето!

11 Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име.

12 А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.

13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат службата!“