Откровение 16:13-19 MNT

13 Потоа забележав како од устите на Змејот, на Ѕверот и на лажниот Пророк излегоа три зли духови, кои личеа на жаби.

14 Тоа се демонски духови кои имаат моќ да прават чуда. Тие ќе отидат кај сите владетели по целиот свет и ќе ги соберат на заедничка војна против Семоќниот Бог. Но тоа ќе биде ден на голема Божја победа!

15 Припомнете си што рече Исус: „Внимавајте, зашто ќе дојдам ненадејно, како провалник! Но Бог ќе ве благослови, ако останете внимателни и подготвени; ако ја зачувате својата „облека“, за да не ви се открие „голотијата“, од која ќе се засрамите!“

16 Тие војски ќе се соберат на местото кое на хебрејски се вика Хар Мегидо.

17 Седмиот ангел го истури својот сад во воздухот и во истиот миг од престолот во Храмот се огласи многу силен глас, кој рече: „Завршено е!“

18 Тогаш болснаа молскавици, зататнеа громови и Земјата ја погоди таков силен земјотрес, каков што никогаш дотогаш не се случил откога постои човекот на Земјата!

19 Големиот град Вавилон се распука на три дела, а и други градови меѓу народите беа разурнати. Бог си спомна за гревовите на големиот Вавилон и го натера да пие од чашата со жестоко вино на Неговиот гнев!