Откровение 18:19-24 MNT

19 Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа: “Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“

20 Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе, апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право!

21 Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне!

22 Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш.

23 Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи.

24 Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе и на сите погубени од целиот свет!“