Откровение 18:4-10 MNT

4 Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече: „Истапи од вавилонската блудница, народе Мој! Не учествувај во нејзините гревови, за да не станеш соучесник во нејзината казна!

5 Зашто нејзините гревови се напластија до небото, и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост!

6 Направете и како што таа ви правеше вам, вратете и двојно за злото што таа ви го стори! Нека испие двојно погорчлива напивка од онаа што им ја даваше на другите!

7 Зададете и толку маки и жалости, колку што раскош и уживања самата си даваше! Во своето срце таа се фалеше: ,Еве, седам како кралица, а не како вдовица; за мака нема никогаш да знам!‘

8 Затоа, во еден ист ден ќе биде погодена со жалост, глад и смрт! Во оган ќе биде изгорена, зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“

9 А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори.

10 Ќе стојат понастрана, исплашени од нејзините страдања и ќе лелекаат: „Леле, леле, величествен граде Вавилоне! Во еден миг се истури врз тебе Божјата пресуда!“