Откровение 19:15-21 MNT

15 Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог.

16 На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘.

17 Тогаш забележав еден ангел кој стоеше на Сонцето и им довикуваше на сите грабливи птици што летаа во небесните височини: „Дојдете и придружете се на Божјата голема гозба!

18 Ќе јадете месо од цареви, владетели, водачи, коњи, коњаници, од луѓе слободни и од робови, од луѓе мали и големи!“

19 Потоа го видов Ѕверот како ги собра владетелите на Земјата и нивните војски за војна против Коњаникот на белиот коњ и Неговите војски.

20 Но Ѕверот беше заробен, а со него и лажниот пророк - оној што правеше чуда во служба на Ѕверот и ги заведуваше сите што имаа белег на Ѕверот и се поклонуваа пред неговата икона. Обајцата беа живи фрлени во Огненото Езеро полно со запален сулфур.

21 Останатите од војската на Ѕверот беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Коњаникот на белиот коњ. Сите птици се наситија од нивните трупови.