Откровение 20:4-10 MNT

4 Потоа видов престоли; луѓето што седеа на нив, беа овластени да судат. Ги забележав и душите на погубените поради вера во Исус и проповедање на Божјото Слово и на сите оние што не му се поклонија на Ѕверот, ни на неговата икона и не го примија неговиот белег на челото или на раката. Видов како тие воскреснаа и царуваа со Христос илјада години.

5 (Другите умрени нема да воскреснат додека не поминат илјада години.)

6 Благословени и свети се оние што ќе бидат учесници во првото воскресение! Втората смрт ќе нема власт над нив; тие ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Нив илјада години.

7 Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната.

8 Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови.

9 Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија.

10 Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови.