Откровение 21:6-12 MNT

6 Потоа ми рече: „Завршено е! Јас Сум Алфа и Омега, Зачетникот и Завршителот. На секој што е жеден, Јас ќе му подарам вода од изворот на животодавната вода.

7 На сите победници ќе им дадам да ги наследат сите благослови и Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат деца.

8 А оние што од страв се откажуваат од верата во Мене, како и неверниците, неморалните, убијците, блудниците, маѓепсниците, обожавателите на идоли и сите лажговци, ќе завршат во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Тоа ќе биде втората смрт.“

9 Потоа дојде еден од седумте ангели што ги држеа седумте садови со седумте последни казни и ми рече: „Дојди да ти ја покажам Невестата - свршеницата на Јагнето.“

10 Со духот ме пренесе на врвот од една висока планина и ми го покажа Светиот град, Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог.

11 Градот болскотеше од Божјата слава со сјај како од скапоцен камен - светкаше како проѕирен јаспис.

12 Околу градот имаше високи и широки ѕидови, со дванаесет порти; пред секоја порта стоеше по еден ангел. На секоја порта беше напишано по едно од имињата на дванаесетте Израелови синови, односно племиња.