Откровение 21:7-13 MNT

7 На сите победници ќе им дадам да ги наследат сите благослови и Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат деца.

8 А оние што од страв се откажуваат од верата во Мене, како и неверниците, неморалните, убијците, блудниците, маѓепсниците, обожавателите на идоли и сите лажговци, ќе завршат во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Тоа ќе биде втората смрт.“

9 Потоа дојде еден од седумте ангели што ги држеа седумте садови со седумте последни казни и ми рече: „Дојди да ти ја покажам Невестата - свршеницата на Јагнето.“

10 Со духот ме пренесе на врвот од една висока планина и ми го покажа Светиот град, Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог.

11 Градот болскотеше од Божјата слава со сјај како од скапоцен камен - светкаше како проѕирен јаспис.

12 Околу градот имаше високи и широки ѕидови, со дванаесет порти; пред секоја порта стоеше по еден ангел. На секоја порта беше напишано по едно од имињата на дванаесетте Израелови синови, односно племиња.

13 Три порти беа на источната страна, три на северната, три на јужната и три на западната страна.