Откровение 8:7-13 MNT

7 Првиот ангел затруби и врз Земјата се истурија град и оган, измешани со крв! Од нив се запали една третина од Земјата и изгоре една третина од дрвјата и сето зеленило.

8 Вториот ангел затруби и нешто како пламната гора беше фрлено во морето. Од тоа, една третина од морето се претвори во крв,

9 една третина од живиот свет во морето изгина и една третина од бродовите потонаа.

10 Третиот ангел затруби и од небото падна една голема ѕвезда. Таа гореше како факел и падна врз една третина од реките и изворите. Ѕвездата беше наречена Пелин

11 и од неа стана горчлива една третина од водата за пиење. Голем број луѓе изумреа од горчливата вода.

12 Четвртиот ангел затруби и една третина од Сонцето, една третина од Месечината и една третина од ѕвездите беа погодени и сите тие загубија по една третина од својата светлина. Така и една третина од денот и една третина од ноќта останаа без светлина.

13 Во моето видение тогаш забележав еден орел како лета високо сред небото. Орелот громогласно извикуваше: „Тешко, тешко, тешко на жителите на Земјата од трубењето на следните тројца ангели!“