1 Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот.
2 По ова распознавајте Го Божјиот Дух и духот на лагата. Секој дух што признава дека Исус Христос дошол во тело, од Бога е.
3 А секој дух, што не признава дека во тело дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на Антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот.
4 Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот.
5 Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, а светот ги слуша.
6 Ние сме од Бога. Кој Го познава Бога, нѐ слуша нас; кој не е од Бога, нас не нѐ слуша. По тоа и го познаваме Духот на вистината и духот на заблудата.
7 Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога;
8 кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.
9 Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.
10 Во тоа се состои љубовта, што не ние Го возљубивме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши.
11 Возљубени, кога така нѐ возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг.
12 Бога никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас.
13 Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух.
14 И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спасител на светот.
15 Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој – во Бога.
16 И ние ја познавме љубовта, која Бог ја има кон нас; и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него.
17 Љубовта во нас се усовршува затоа за да имаме смелост на судниот ден; бидејќи, како што е Тој, така сме и ние во овој свет.
18 Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта.
19 Ние Го љубиме, бидејќи Тој отпрвин нѐ возљуби.
20 Ако некој рече: „Го љубам Бога“ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?
21 И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој.