1 Секој, кој верува дека Исус е Христос, од Бога е роден, и секој, кој Го љуби Оној Кој родил, Го љуби и Оној, родениот од Него.
2 По ова знаеме дека ги љубиме чедата Божји, кога Го љубиме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди.
3 Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки.
4 Зашто сѐ што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – верата наша.
5 Кој го победува светот, ако не оној кој верува дека Исус е Син Божји?
6 Оној, Кој дојде преку вода и крв (и преку Духот), Тој е Исус Христос – не само преку вода, туку преку вода и крв; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистина.
7 Зашто Тројца се, Кои сведочат на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и овие Тројца се едно.
8 И Тројца се, Кои сведочат на земјата: духот, водата и крвта; и тие три се во едно.
9 Ако го примаме човечкото сведоштво, Божјото сведоштво е поголемо, бидејќи тоа е сведоштво Божјо, со кое Бог посведочи за Својот Син.
10 Кој верува во Синот Божји, тој го има тоа сведоштво во себе; кој не Му верува на Бог, Го прави лажливец, зашто не поверувал во сведоштвото Негово со кое посведочил Бог за Својот Син.
11 А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син.
12 Кој Го има Синот Божји, тој го има и тој живот; кој го нема Синот Божји, го нема тој живот.
13 Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Синот Божји, за да знаете дека имате живот вечен и да верувате во името на Синот Божји.
14 И тоа е увереноста, која ја имаме пред Него, дека ако побараме нешто по Неговата волја, Тој нѐ услишува.
15 А кога знаеме дека ни услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него.
16 Ако некој го види брата си да греши со грев што не е за смрт, нека се моли, и Бог ќе му даде живот, – односно на оној што не греши за смрт. А има и грев за смрт: за тој грев не велам да се моли.
17 Секоја неправда е грев, но има грев што не е за смрт.
18 Знаеме дека секој роден од Бога не греши: но родениот од Бога се пази, и лукавиот не се допира до него.
19 Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло.
20 Знаеме исто така дека Синот Божји дојде и ни даде светлина и разум, за да Го познаеме вистинскиот Бог; и ние пребиваме во вистинскиот Бог – Неговиот Син Исус Христос. Тој е вистински Бог и живот вечен.
21 Чеда, пазете се од идолите. Амин!