5 Кој го победува светот, ако не оној кој верува дека Исус е Син Божји?
6 Оној, Кој дојде преку вода и крв (и преку Духот), Тој е Исус Христос – не само преку вода, туку преку вода и крв; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистина.
7 Зашто Тројца се, Кои сведочат на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и овие Тројца се едно.
8 И Тројца се, Кои сведочат на земјата: духот, водата и крвта; и тие три се во едно.
9 Ако го примаме човечкото сведоштво, Божјото сведоштво е поголемо, бидејќи тоа е сведоштво Божјо, со кое Бог посведочи за Својот Син.
10 Кој верува во Синот Божји, тој го има тоа сведоштво во себе; кој не Му верува на Бог, Го прави лажливец, зашто не поверувал во сведоштвото Негово со кое посведочил Бог за Својот Син.
11 А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син.