1 И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство:
2 проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука.
3 Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот;
4 тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки.
5 Но ти во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на благовестител, службата своја исполнувај ја добро!
6 Зашто јас веќе се изливам како жртва леаница, а времето за моето заминување настапи.
7 Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив.
8 Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување.
9 Погрижи се да дојдеш кај мене скоро!
10 Зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниот свет, и отиде во Солун; Крискент – во Галатија, Тит – во Далмација. Само Лука е со мене.
11 Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е нужен во службата!
12 А Тихик го пратив во Ефес.
13 Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката што ја оставив во Троада, кај Карп и книгите, а особено пергаментите.
14 Ковачот Александар ми направи големо зло. Ќе му врати Господ според делата негови!
15 Од него пази се и ти, бидејќи тој необично многу се воспротиви на нашите зборови!
16 При мојата прва одбрана никого немаше кај мене: сите ме оставија. Нека не им се прими за грев!
17 Но Господ беше со мене и ме закрепна, та преку мене да се утврди Благовестието и да чујат сите незнабошци; и јас се избавив од устата на лавот.
18 Господ ќе ме избави од секакво лошо дело и ќе ме запази за Своето небесно царство. Нему слава во вечни векови. Амин!
19 Поздрави ги Прискила и Акила, и Онисифоровиот дом.
20 Ераст остана во Коринт. А Трофим го оставив болен во Милит.
21 Побрзај да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клавдија и сите браќа.
22 Господ Исус Христос нека е со твојот дух! Благодат на сите вас! Амин!