Ефесјаните 4 MK2006D

Единството на телото

1 Браќа, јас, затвореник во Господ, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани,

2 со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов,

3 трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот.

4 Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на ва­ше­то звање.

5 Еден Господ, една вера и едно крш­тение,

6 еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас.

7 А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.

8 Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.“

9 А што означува „издигајќи се“, ако не тоа дека Тој слезе пред тоа во најдолните места на земјата.

10 Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ.

11 И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители,

12 за усовршување на светиите во де­лото на служењето, за изградување на Христовото тело,

13 додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота,

14 та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лаж­ните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда.

15 Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос.

16 Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.

Новиот живот во Христос

17 Ова, пак, го зборувам и сведочам во Господ; да не живеете повеќе како што живеат и другите незнабошци, по суетата на својот ум;

18 помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради нивното незна­ење и тврдокорноста на нивното срце;

19 дојдени до бесчувство, тие се пре­да­доа на разврат и ненаситно вршат се­каква нечистота.

20 Но вие не Го познавте така Хрис­та,

21 ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – дека вистината е во Исус,

22 тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно жи­ве­ење, кој се распаѓа во измамливите желби,

23 за да се обновите со духот на својот ум

24 и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост.

25 Поради тоа, откако ја отрфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг.

26 Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш;

27 И не давајте му место на ѓаволот.

28 Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба.

29 Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат.

30 И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето.

31 Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба.

32 Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа.

поглавја

1 2 3 4 5 6