1 Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господ, зашто тоа е праведно.
2 „Почитувај ги својот татко и својата мајка!“ – тоа е првата заповед со ветување,
3 „За да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.“
4 И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ.
5 Вие, слуги, бидете послушни кон вашите земни господари со страв и трепет, во простота на срцето, како кон Христос,
6 не работете само за пред очи, како оние што сакаат да им се умилкуваат на луѓето, туку како Христови слуги, извршувајќи ја волјата Божја од срце,
7 драговолно служејќи, како да Му служите на Господ, а не на луѓе,
8 знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господ според доброто, што го направил.
9 А и вие, господарите, исто така, однесувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, во Кого нема лицемерност!
10 Браќа, засилувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ!
11 Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство;
12 зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.
13 Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите.
14 И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на праведноста,
15 и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир.
16 А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот;
17 земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!
18 Со секаква молитва и молба во секоја пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрајност и молитва за сите светии,
19 и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Евангелието,
20 поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега.
21 А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен служител во Господ.
22 Него го пратив кај вас за да дознаете како сме, и за да ги охрабри срцата ваши.
23 Мир на браќата и љубов со вера од Бога Отецот и од Господ Исус Христос.
24 Благодат со сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос – во нераспадливост. Амин.