Ефесјаните 5 MK2006D

Да се живее во светлина

1 И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени,

2 и живејте во љубов, како што и Христос ве возљуби и за нас се предаде Себеси како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.

3 А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии,

4 ниту, пак, срамни и будалести збо­ро­ви или двосмислени приказни, што се неприлични, туку само благодарност.

5 Зашто ова треба да го знаете: дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христос и Бог.

6 Никој да не се мами со празни збо­ро­ви; зашто поради нив доаѓа гневот Бож­ји врз синовите на непокорноста;

7 затоа, не станувајте нивни соучесници.

8 Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината!

9 Зашто плодот на светлината се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито –

10 одлучете се за она што Му е мило на Бога!

11 Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги!

12 Зашто за она што го прават скри­шум, срамно е и да се зборува.

13 А сѐ што е изобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е.

14 Затоа е речено: „Стани ти што спи­еш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“

15 Па така, внимавајте добро како жи­веете! Не како безумни, туку како муд­ри;

16 ползувајте го времето, зашто дните се лукави.

17 Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја!

18 И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнете се со Дух.

19 Разговарајте меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши;

20 благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Гос­под Исус Христос;

Жени и мажи

21 покорувајте се еден на друг во стра­хо­почит Божји.

22 Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ,

23 зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото.

24 Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ.

25 Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црк­вата и се предаде Себе за неа,

26 за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;

27 та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.

28 И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.

29 Зашто никој никогаш не го намра­зил телото свое, туку го храни и го стоп­лува, како и Господ Црквата,

30 бидејќи ние сме делови на Неговото тело, од Неговото тело и коските Негови.

31 „Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело.“

32 Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христос и за Црквата.

33 И така, секој од вас да си ја сака же­ната своја, како што се сака самиот се­бе, а жената да го почитува мажот свој.

поглавја

1 2 3 4 5 6