Римјаните 12 MK2006D

Нов живот во Христос

1 Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваша духовна богослужба.

2 Не сообразувајте се со овој век, туку преобразете се со возобновување на вашиот ум за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја: што е добро, благоугодно и совршено.

3 Зашто, заради благодатта што ми е мене дадена, на секого од вас му ка­жу­вам да нема за себе повисоко мислење отколку што треба да има; туку нека има за себе поскромно мислење за да расудува според мерката на верата што Бог на секого му ја одмерил.

4 Зашто, како што во едно тело имаме многу органи, но сите органи не деј­ствуваат на еднаков начин,

5 така и ние мнозина сме едно тело во Христос, а секој поединечно сме органи еден на друг.

6 Според дадената благодат имаме различни дарби: ако е тоа пророчка дарба, тогаш нека биде во сразмерот со верата;

7 ако е тоа дарба за служење, нека служи; ако ли е пак тоа дарба за поу­чу­вање – нека поучува!

8 Ако е пак за утешител – нека уте­шу­ва; дарител ли, нека дарува штедро; кој управува, нека управува со усрдност; кој прави милосрдие, нека го врши тоа со добра волја.

9 Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто;

10 Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.

11 Во усрдноста да не сте колебливи; бидете со горлив дух; служете Му на Господ;

12 радувајте се во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани;

13 помагајте им на светиите во нив­ни­те потреби; трудете се да бидете гостопримливи;

14 благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги и не ги про­колнувајте.

15 Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат!

16 Бидете меѓу себе едномислени; не ставајте си во умот високи работи, туку предајте се кон скромни нешта; не мислете дека сте мудри;

17 и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе.

18 Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе.

19 Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатувам – вели Господ.“

20 И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; зашто, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова.

21 Не допуштај злото да те победи, туку победи го злото со добро.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16