Римјаните 3 MK2006D

1 Која е предноста на Јудејците, или која е ползата од обрезанието?

2 Голема, на секој начин, и пред сѐ што ним им се доверени Божјите обја­вувања.

3 Па што, ако некои не поверувале? Дали нивната безверност ќе ја уништи Божјата верност?

4 Никако! Нека се признае дека Бог е вистинит, а секој човек лажлив, како што е напишано: „За да се покаже дека си праведен во зборовите Свои, и да по­бедиш кога ќе ти се суди.“

5 Ако, пак, нашата неправедност ја истакнува Божјата праведност, што би можеле да речеме тогаш? Дали е Бог несправедлив, кога се гневи? Говорам како човек.

6 Никако! Зашто, како Бог ќе може да го суди светот?

7 Зашто, ако вистината Божја се воз­величува преку мојата лага за слава Негова, па зошто тогаш да бидам осуден како грешник?

8 Зарем тогаш не би требало да пра­ви­ме зло, за да излезе добро? Впрочем така и хулат некои луѓе на нас и велат дека така учиме. Тие се справедливо осудени.

Никој не е праведен

9 Па дали имаме некакво предимство? Ни најмалку, зашто веќе ги обвинивме, како Јудејците така и Елините, дека се сите под грев,

10 како што е напишано: „Нема праведен ниту еден,

11 нема разумен, нема кој да Го бара Бога;

12 сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, не­ма ниту еден.“

13 „Грлото нивно – отворен гроб; со ја­зиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров,

14 устата нивна е полна со клетва и горчина.

15 Нозете нивни им се брзи за пролевање крв;

16 пустошење и маки по нивните па­тишта;

17 тие не го познаа патот на мирот.

18 Страв Божји нема пред очите нив­ни.“

19 Знаеме дека сѐ она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затвори секоја ус­та, и така целиот свет да стане виновен пред Бога,

20 зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гре­вот.

Праведноста се добива преку вера

21 А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од За­конот и од Пророците.

22 Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика,

23 сите згрешија и лишени се од славата Божја.

24 Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос.

25 Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку ве­рата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение,

26 за да ја покаже Својата праведност во сегашно време, дека е Тој справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус.

27 Каде е, пак, пофалбата? Таа е ис­клучена. Според кој закон? Дали според оној на делата? Не, туку според законот на верата.

28 Така ние заклучуваме дека човекот се оправдува со верата, без делата на Законот.

29 Или можеби Бог е пак само на Јудејците, а не и на незнабошците? Се разбира, Тој е и на незнабошците,

30 бидејќи еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера.

31 А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16