Римјаните 4 MK2006D

Примерот на Авраам

1 А што би можеле да кажеме дека добил нашиот татко по тело Авраам?

2 Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога.

3 Впрочем што вели Писмото? – „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.“

4 На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг.

5 Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува без­божникот, верата му се смета за праведност.

6 Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за пра­ведност независно од делата, велејќи:

7 „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени;

8 блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!“

9 А дали ова блаженство се однесува само за обрезаните или и за необрезани­те? Бидејќи велиме дека на Авраам ве­ра­та му се сметаше за праведност.

10 Кога му се сметаше? По обрезание­то или пред обрезанието? Не по обре­за­нието, туку пред обрезанието.

11 И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност,

12 и да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата од нашиот татко Авраам, пред обрезанието.

Божјото ветување се остварува преку верата

13 Впрочем ветувањето кон Авраам или кон семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку Законот, туку преку праведноста на верата.

14 Зашто ако можат да бидат наследници само оние што имаат Закон, то­гаш и верата нема никакво значење, и ветувањето е поништено;

15 зашто Законот породува гнев; каде што, пак, нема Закон, нема ни престап.

16 Затоа тоа е од верата, за да биде по милост, та и ветувањето да биде заздравено не само по Законот, туку и по верата за сите потомци Авраамови, кој ни е татко на сите нас,

17 според напишаното: „Те поставив да бидеш татко на многу народи“ – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и го повикува да суш­тествува, она што не суштествува.

18 Авраам, без никаква основа за на­деж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според ре­че­но­то: „Такво ќе биде твоето потомство.“

19 И откако не ослабна верата негова, тој не помисли дека телото негово е веќе безживотно, зашто беше речиси стогодишен, и дека утробата Сарина е речиси веќе безживотна;

20 и во ветувањето Божјо не се посомнева со неверие, туку остана со цврста вера и Го прослави Бога,

21 наполно уверен дека Тој е силен да го изврши она што го ветил.

22 Затоа тоа му се сметаше за праведност.

23 Но, не само за него е напишано де­ка му се сметаше,

24 туку и за нас: ќе ни се смета, ако веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исус Христос, нашиот Господ,

25 предаден за нашите гревови и вос­креснат за наше оправдание.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16