8 И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот.
9 Бидејќи заповедите: „Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!“, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: „Љуби го ближниот како самиот себеси!“
10 Љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на Законот.
11 И тоа правете го, знаејќи го ова време: веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме.
12 Ноќта одминува, а денот се приближи; да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината.
13 Да живееме пристојно како дење – не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист;
14 туку облечете се во Господа Исуса Христа, и грижата за телото не претворајте ја во страсти.