15 Но, со дарот не е исто како и со престапот. Зашто ако поради престапот на еден изумреа мнозина, тогаш Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, во многу поголемо изобилство ќе се излее врз мнозина.
16 А тој дар е сосема поинаков од гревот на еден што погрешил, зашто судењето за еден престап води кон осудување, а дарот – од многу престапи кон оправдување.
17 Бидејќи, доколку со престапувањето на еден завладеала смртта преку едниот, дотолку повеќе оние, што го примија изобилието на благодатта и дарот на праведноста, ќе царуваат во животот преку еден – Исус Христос.
18 И така, како што преку еден престап дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот.
19 Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни.
20 А притоа дојде и Законот за да се наголеми престапот. Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност,
21 та, како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ.