7 бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот.
8 А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме,
9 знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него.
10 Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го живее, за Бога го живее.
11 Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ.
12 И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади!
13 Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста.