1 Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога,
2 кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма,
3 а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе,
4 по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ;
5 преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово,
6 меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа,
7 - до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа.
8 Пред сè Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет.
9 И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас
10 секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас;
11 зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување,
12 односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата.
13 Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи.
14 Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните.
15 И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим.
16 Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот.
17 Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.”
18 Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината;
19 зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа.
20 Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор.
21 Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи.
22 Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни,
23 и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи.
24 Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела;
25 нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин!
26 Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно;
27 мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда.
28 И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега:
29 исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи,
30 клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите,
31 неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие.
32 Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават.