1 И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот.
2 Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ме ослободи од законот на гревот и смртта.
3 Зашто тоа, што му беше невозможно на Законот, зашто беше слаб заради телото, Бог го изврши: испраќајќи Го - заради гревот - Својот Син во обличје слично на грешното тело и, поради грев, го осуди гревот во телото,
4 па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, - кои не одиме по телото, туку по Духот.
5 Зашто, кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот.
6 Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир;
7 зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може.
8 Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога.
9 Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов.
10 А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради правдата.
11 Ако навистина во вас живее Духот на Оној, Кој Го воскресна Исуса од мртвите; Оној Кој Го воскресна Христа, ќе ги оживи и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.
12 Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото.
13 Зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате телесните дејства - ќе живеете.
14 Сите оние, кои ги води Божјиот Дух - тие се Божји синови.
15 Имено, не го примивте духот на ропството, за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, со кој викаме: „Ава - Татко!”
16 Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда.
17 Ако сме чеда, тогаш сме и наследници: Божји наследници, а Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да се прославиме.
18 Зашто сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата, која ќе ни се открие нам.
19 Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови -
20 имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини - во надеж
21 дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца.
22 Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега.
23 И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело.
24 Зашто, во оваа надеж ние се спасивме. А надежта која се гледа не е надеж; зашто, кога некој нешто гледа, зошто да му се надева?
25 Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со трпение.
26 Исто така и Духот и помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки.
27 А Оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите.
28 Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера;
29 зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде Првороденец меѓу многуте браќа.
30 А оние кои ги предопредели, тие и ги повика; кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави.
31 И така, што да речеме на ова? Ако е Бог за нас, кој ќе биде против нас?
32 Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сè друго со Него?
33 Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог ли, Кој ги оправдува?
34 Кој е оној кој ќе ги осуди? Христос Исус ли, Кој умре - но уште и воскресна - Кој е од десната страна на Бога и Кој се застапува за нас?
35 Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотата, или гибелта или мечот?
36 Како што е напишано: „Заради Тебе нè убиваат постојано, нè сметаат како овци за клање.”
37 Но во сè ова победуваме надмоќно преку Оној, Кој нè возљуби.
38 Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите,
39 ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нè оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ.