Римјаните 4 MKB

1 И така, што ќе речеме дека нашиот прататко Авраам добил по тело?

2 Зашто, ако е Авраам оправдан врз основа на своите дела, може да се фали, но не пред Бога!

3 Но, што вели Писмото: „Авраам Му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.”

4 А на оној, кој работи, платата не му се засметува по милост, туку по долг;

5 додека на оној, кој не работи, а верува во Оној, Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се засметува за праведност,

6 така и Давид го наречува блажен човекот, кому Бог му ја засметува праведноста без дела:

7 ”Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени!

8 ”Блажен е човекот, кому Господ не му засметува грев!”

9 Дали блаженството се однесува само за обрезаните, или и за необрезаните? Зашто ние велиме: „На Авраама верата му се засмета за праведност.”

10 Па како му се засмета? Кога беше обрезан или кога беше необрезан? Не кога беше обрезан, туку кога беше необрезан.

11 И го прими знакот на обрезанието како печат на праведноста, што ја доби преку верата како необрезан, за да им биде татко на сите, кои веруваат како необрезани; за да им се засмета и ним тоа во праведност,

12 и да им биде татко и на обрезаните, но не на оние, кои се само обрезани, туку кои и одат по стапките на верата на нашиот татко Авраам, која ја имаше додека уште беше необрезан.

13 Зашто, ветувањето на Авраама, или на неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста од верата.

14 Имено, ако се наследници само оние од Законот, тогаш верата е без значење; и ветувањето е поништено.

15 Зашто Законот донесува гнев; а каде нема Закон нема ни престапување!

16 Затоа тоа е од верата, за да биде по благодат, така што ветувањето да му биде обезбедено на сето потомство; не само на она од Законот, туку и на она од Авраамовата вера; кој е татко на сите нас,

17 како што е напишано: „Те поставив татко на многу народи” - пред Бога; Кому Му поверува; Кој ги оживува мртвите и ги повикува оние нешта што не се во битие.

18 Без надеж, тој се надеваше и поверува дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето семе.”

19 И не ослабна во верата, кога го имаше во предвид своето веќе умртвено тело, зашто беше околу сто години, и умртвеноста на Сарината утроба;

20 не се посомнева во Божјото ветување, туку зајакна во верата и Му даде слава на Бога,

21 наполно уверен дека е силен да го исполни она што го ветил.

22 Затоа тоа му се засмета за праведност.

23 Но не е напишано само за него „дека му се засмета”

24 туку и за нас на кои ќе ни се засмета, затоа што веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ.

25 Кој беше предаден за нашите гревови и беше воскреснат за наше оправдание.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16