1 И така, прашувам: „Дали Бог го отфрли Својот народ? Далеку од тоа! Зашто и јас сум Израелец, од Авраамовото потомство, од Венијаминовото племе.
2 Бог не го отфрли Својот народ, кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото, за Илија, како вика кон Бога против Израел, велејќи:
3 ”Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници; а јас останав сам, па и мојот живот го бараат.”
4 А што му вели Божјиот одговор: „Си оставив за себе седум илјади луѓе, кои не ги преклонија колената пред Ваала.”
5 Така е и во сегашното време, остана еден Остаток избран по благодатта.
6 Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела; зашто инаку благодатта не би била веќе благодат.
7 Тогаш што? Израел не го доби она, што го бараше, а избраните го добија; а другите беа закоравени,
8 како што е напишано: „Бог им даде дух на мртвило, очи да не гледаат и уши да не слушаат до денешниот ден.”
9 И Давид зборува: „Нивната трпеза да им биде стапица, и мрежа и соблазан и одмазда!
10 Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!”
11 И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност.
12 Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота!
13 Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба,
14 та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив.
15 Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите?
16 Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се.
17 Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката,
18 не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе!
19 Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!”
20 Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата.
21 Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе.
22 И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен.
23 А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми.
24 Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои и се природни.
25 Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број.
26 И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова.
27 И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.”
28 Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците.
29 Зашто Божјите дарови и Неговиот позив не го познаваат каењето.
30 Како што и вие му бевте некогаш непокорни на Бога, а сега добивте милост поради нивното непокорство,
31 така и тие станаа сега непокорни, заради вашето помилување, за да бидат и тие помилувани.
32 Зашто Бог ги затвори сите во непокорство, за да покаже милост кон сите.
33 О длабочино на богатството, премудроста и Божјото знаење! Колку се недостижни Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!
34 Зашто кој ја запознал Господовата мисла? Или кој Му бил советник?
35 Или кој Му дал нешто однапред, за да му биде вратено?”
36 Зашто сè е од Него, преку Него и за Него. Нему слава во векови. Амин!