1 И така, каква предност има Јудеецот? Или: каква е ползата од обрезанието?
2 Голема, во секој однос. Прво: ним им се доверени Божјите слова.
3 Па што! Ако некои беа неверни, зар нивната неверност ќе ја уништи Божјата верност?
4 Далеку од тоа! Но, Бог нека е вистинит, а секој човек лажец, како што е напишано: „Да бидеш оправдан во своите зборови и да победиш кога се судиш.”
5 Ако нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме? Дали е Бог неправеден, кога се гневи? (човечки зборувам).
6 Далеку од тоа! Како Бог би можел тогаш да му суди на светот?
7 Зашто, ако преку мојата лага се покаже уште повозвишена Божјата вистина за Неговата слава, зошто ми се суди уште како на грешник?
8 ”Зошто да не правиме зло, за да дојде добро?” - како што нè клеветат некои и велат за нас, дека ние зборуваме така? Осудувањето на таквите е праведно.
9 Што тогаш! Дали имаме предност? Никако, зашто веќе ги обвинуваме Јудејците и Грците, дека се сите под грев,
10 како што е напишано: „Нема никој праведен, нема ниту еден;
11 нема разумен, нема кој да Го бара Бога;
12 сите застранија, сите заедно станаа неполезни, нема кој да прави добро, нема ниту еден.”
13 Нивното грло е отворен гроб, измамуваат со јазиците; змиски отров е под нивните усни.
14 Устата им е полна со клевета и горчина.
15 Нозете им се брзи за пролевање крв;
16 запустување и беда се по нивните патишта;
17 тие не го познаваат патот на мирот.
18 Нема Божји страв пред нивните очи.”
19 А знаеме дека сè што вели Законот, им го зборува на оние, кои се под Законот, за да занеми секоја уста и за да биде целиот свет виновен пред Бога,
20 зашто со делата на Законот ниедно тело нема да се оправда пред Него; зашто преку Законот доаѓа самото познавање на гревот.
21 А сега, независно од Законот, се јави Божјата правда, за која сведочат Законот и пророците,
22 и тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика;
23 зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава,
24 но се оправдуваат од Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса,
25 Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение;
26 та да ја покаже Својата правда во сегашно време, за да биде Самиот праведен и за да го оправда оној, кој е од верата на Исуса.
27 И така, каде е фалењето? Исклучено е. Според кој закон? Според законот на делата ли? Не, туку според законот на верата.
28 И така, ние заклучуваме дека човекот се оправдува преку верата, без делата на Законот.
29 Или Бог е само на Јудејците, а не и на народите? Да, и на народите,
30 зашто е само еден Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера.
31 Според тоа, дали го укинуваме Законот преку верата? Далеку од тоа! Туку, со тоа го утврдуваме Законот.