15 Зашто, ако се жалости твојот брат заради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со твоето јадење оној, за кого Христос умрел.
16 И така, не дозволувајте да се хули на вашето добро!
17 Зашто Божјото Царство не се состои во јадење и пиење, туку во правда, и мир и радост во Светиот Дух.
18 Имено, кој со ова Му служи на Христа, угоден Му е на Бога и мил им е на луѓето.
19 И така, да го бараме она, што е за мир и за заемна надградба!
20 Не разурнувај го Божјото дело - заради јадење! Сè е чисто; но е зло за човекот, кој јаде на соблазан.
21 Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ни да се прави нешто, поради што твојот брат се сопнува или соблазнува, или слабее.