Римјаните 6:13-19 MKB

13 И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата!

14 Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта.

15 Па што? Да грешиме ли, зашто не сме под Законот, а под благодатта? Да не биде!

16 Не знаете ли: ако некому му се предадете за робови во послушност - робови сте му на оној, кому му се покорувате: или на гревот - за смрт; или на послушноста - за праведност?

17 Но благодарејќи Му на Бога, зашто вие, откако му бевте робови на гревот, му станавте послушни од сè срце на примерот на науката, на која и бевте предадени

18 па така, ослободени од гревот, станавте слуги на правдата.

19 Зборувам по човечки заради слабоста на вашето тело: како што некогаш ги предадовте вашите членови да им служат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконство; така сега предадете ги вашите членови да и служат на правдата, за осветување!