7 И така, што да речеме? Дали е Законот грев? Далеку од тоа! Сепак, јас го запознав гревот само преку Законот, зашто не би ја запознал страсната желба, ако Законот не рече: „Не ќе пожелуваш!”
8 А гревот најде повод во заповедта и предизвика во мене секаква желба, зашто без Закон - гревот е мртов.
9 И јас живеев некогаш без Законот; но кога дојде заповедта гревот оживе, а јас умрев;
10 и се покажа дека заповедта, што беше дадена за живот, ме водеше во смрт;
11 имено, гревот, откако доби повод во заповедта, ме заведе и ме уби преку неа.
12 Затоа Законот е свет; а и заповедта е света, и праведна, и добра.
13 Дали тоа значи дека доброто стана смрт за мене? Да не биде! Туку гревот, за да се покаже како грев, се послужи со доброто и ми предизвика смрт, за да стане гревот - со посредство на заповедта - прекумерно грешен.