2 Цареви 1:11-17 MKB

11 Царот му испрати друг педесетник со неговите педесетмина; а тој, кога дојде, му рече: „Божји човече! Царот го заповеда ова: ‘Слези бргу!’”

12 Илија му одговори и му рече: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека ве проголта тебе и твоите педесетмина.” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.

13 Царот испрати пак педесетник и неговите педесетмина. Третиот педесетник дојде, ги свитка колената пред Илија и го замоли вака: „Божји човече! Мојот живот и животот на овие педесет твои слуги нека биде скапоцен во твоите очи!

14 Оган се спушти од небото и ги проголта обата педесетници со нивните педесетмина; но сега барем мојот живот нека биде скапоцен во твоите очи!”

15 Господовиот ангел му рече на Илија: „Слези со него, не бој се!” Тој стана и слезе со него пред царот,

16 и му рече: „Господ вели вака: ‘Затоа што му праќаше гласници на Вал-Зевул, акаронскиот бог, по совет, не ќе слезеш од постелата, во која си легнал, туку ќе умреш.’”

17 И умре според Господовото слово, кое го објави Илија. А Јорам, неговиот брат, се зацари место него во втората година на Јорам, синот Јосафатов, јудејски цар, зашто оној (Охозиј) немаше син.