2 Цареви 21 MKB

1 На Манасиј му беа дваесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Евси-Ва.

2 Правеше што е зло во очите на Господа, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови.

3 Ги обнови високите места што неговиот татко Езекија ги обори, му подигна жртвеник на Ваал, направи ашери како што беше направил Ахав, израелскиот цар; и почна да и се клања на сета небеска војска и да и служи.

4 Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кои Господ беше рекол: „Моето Име ќе престојува во Ерусалим.”

5 изгради жртвеници на сета небеска војска во двете преддворја на Господовиот Дом.

6 И своите синови ги помина низ оган. Вражаше, гаташе, создаде бајачи и привидувачи; направи премногу зло во Господовите очи, и го разгневи.

7 Даде да се изваја ликот на Ашера, и го постави во Домот, за кого Господ им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе Го поставам Своето Име довека.

8 Не ќе оставам веќе ногата на Израелците да избега од земјата која им ја дадов во наследство на нивните татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сè што сум им заповедал: Законот што им го објави Мојот слуга Мојсеј.”

9 Но тие не послушаа, Манасиј ги заведе, та правеа уште полошо отколку народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови.

10 Тогаш Господ зборуваше вака преку Своите пророци:

11 ”Затоа што јудејскиот цар Манасиј ги вршеше тие мерзости, затоа што направи повеќе зла отколку што правеа Аморејците пред него, и затоа што ги заведе Јудејците со своите кипови на божества,

12 вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе направам да дојде неволја на Ерусалим и на Јудеја, таква што ќе им заѕунат двете уши на оние што ќе чујат за неа.

13 Ќе оптегнам над Ерусалим исто јаже како над Самарија, иста мерилка како над Ахавовиот дом; ќе го избришам Ерусалим како што се брише посатката, па тогаш се превртува.

14 Ќе ги отфрлам остатоците на Своето наследство, ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели; ќе им служат за плен и за грабеж на сите свои непријатели,

15 зашто правеа што е зло во Моите очи, и зашто го предизвикуваат Мојот гнев од денот кога нивните татковци излегоа од Египет па сè до денес.’”

16 И многу невина крв пролеа Манасиј, така што со неа се наполни Ерусалим од едниот крај до другиот, а да не се спомнува и неговиот грев со кој го заведе Јуда за да прави што е зло во Господовите очи.

17 Другата Манасиева повест, неговите дела, и гревовите што ги направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

18 Манасиј почина покрај своите татковци и е погребан во градината на својот дворец, во Озината Градина. Син му Амон се зацари место него.

19 На Амон му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Месулемета, ќерка Арусова, и беше од Јотева.

20 Тој правеше што е зло во Господовите очи, како што правеше неговиот татко Манасиј.

21 Во сè го следеше патот на својот татко, им служеше на киповите на кои им служеше и неговиот татко, и им се клањаше.

22 Тој Го остави Господа, Бога на своите прататковци, и не одеше по Господовиот пат.

23 Амоновите стотници направија завера против него и го убија царот во дворецот.

24 Но простиот народ ги погуби сите оние кои што се заверија против царот и на неговото место го зацари син му Јосиј.

25 Другата Амонова повест, и сè што правел, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

26 Го погребаа во гробницата на неговиот татко, во Озината Градина, а неговиот син Јосиј се зацари место него.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25