2 Цареви 2 MKB

1 Еве што се случи кога Господ го вознесе Илија на небо во виор: Илија и Елисеј тргнаа од Галгал.

2 И Илија му рече на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме праќа до Ветил.” Елисеј одговори: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа јас нема да те оставам!” И слегоа до Ветил.

3 А пророчките синови кои што престојуваа во Ветил му излегоа во пресрет на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?” Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!”

4 Илија му рече: „Елисеј! Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа во Ерихон.” Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!” И влегоа во Ерихон.

5 Пророчките синови кои што живееја во Ерихон му пријдоа на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?” Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!”

6 Илија му рече: „Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа кон Јордан.” Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!” И така тргнаа обајцата.

7 И педесет пророчки синови тргнаа и застанаа подалеку, додека тие двајца се задржаа на брегот на Јордан.

8 Тогаш Илија ја зеде својата наметка, ја свитка и удри со неа по водата, а водата се раздели на две страни. И обајцата поминаа по суво.

9 А кога поминаа, Илија му рече на Елисеј: „Барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе?” А Елисеј одговори: „Духот што го имаш ти нека биде двоен во мене!”

10 Илија одговори: „Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде.”

11 И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо.

12 Елисеј гледаше и викаше: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!” И веќе не го виде. Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина надве.

13 И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан.

14 Тогаш ја зеде Илиевата наметка и удри по водата, велејќи: „Каде е Господ, Илиевиот Бог?” И кога удри по водата, таа се раздели на две страни, и Елисеј помина.

15 Тоа го видоа отстрана пророчките синови, кои беа исто од Ерихон и рекоа: „Илиевиот дух остана на Елисеј!” И му тргнаа во пресрет, се фрлија пред него на земјата

16 и му рекоа: „Еве тука, со нас, твоите слуги, има педесет јунаци. Дозволи им да одат да го бараат твојот господар; можеби Господовиот Дух го однесе и го фрли на некоја гора или во некоја долина.” Тој им одговори: „Не праќајте никого.”

17 Ама бидејќи тие постојано настојуваа, им рече: „Испратете!” И ги испратија педесетмината; го бараа три дни, ама не го најдоа.

18 Се вратија кај Елисеј, кој остана во Ерихон, и тој им рече: „Не ли ви реков: Не одете!”

19 Жителите од градот му рекоа на Елисеј: „Убаво е во градот, како што може да го види тоа и нашиот господар, ама водата е лоша и земјата неплодна.”

20 Тој рече: „Донесете ми нова чинија и ставете сол во неа!” И тие му донесоа.

21 Тој тогаш отиде кај изворот, ја фрли солта во неа и рече: „Господ зборува вака: ‘Ја исцелувам оваа вода. Од неа нема веќе да има ни смрт ни неплодност.’”

22 И водата стана здрава, и таква е до денешниот ден, според зборот што го рече Елисеј.

23 Оттаму се искачи во Ветил. Додека одеше патем, од градот излегоа деца и му се потсмеваа, говорејќи: „Дојди, бескосник! Дојди, бескосник!”

24 Тој се обѕрна, ги погледа и ги проколна во Господово Име. И веднаш излегоа две мечки од шумата и раскинаа четириесет и две деца.

25 Оттаму отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25