2 Цареви 11 MKB

1 Затоа Охозиевата мајка Готолија, откако виде дека и загина синот, стана и го погуби сиот царски род.

2 Ама Јосавеа, ќерка на царот Јорам и сестра Охозиина, го зеде Охозиевиот син Јоас; украдувајќи го од сред царските синови кои ги убиваа, го сложи со доилката во спалната. Така го спаси од Готолија, та не беше погубен.

3 Беше скриен во Господовиот Дом, шест години, сè додека во земјата владееше Готолија.

4 Во седмата година Јодај испрати по стотниците на Каријците и по телесната стража, и ги повика кај себе во Господовиот Дом. Склучи со нив договор, ги заколна во Господовиот Дом и им го покажа царевиот син.

5 И им рече: „Еве што треба да направите: третината од вас што доаѓате во сабота нека чува стража кај царскиот дворец.

6 Втората третина, онаа кај Урската Врата, и третата третина, онаа кај задната стражарска врата, нека чуваат стража кај влезот во дворецот;

7 а останатите ваши два одреда, сите кои што во сабота излегуваат од служба, нека чуваат стража во Господовиот Дом кај царот.

8 Така ќе го опкружите царот, секој со оружје во раката. И кој ќе се обиде да помине низ вашите редови, нека биде погубен. Бидете покрај царот каде и да тргне или да излезе.”

9 Стотниците направија сè како што им нареди свештеникот Јодај. Секој од нив ги зеде своите луѓе кои што во сабота влегуваа на служба со оние кои во сабота излегуваа. И сите дојдоа кај свештеникот Јодај.

10 Јодај им ги даде на стотниците копјата и штитовите на царот Давид што беа во Господовиот Дом.

11 Стражарите се наредија, со оружје во раката, од јужната до северната страна на Домот, и спрема жртвеникот и спрема Домот околу царот наоколу.

12 Тогаш Јодај го изведе царевиот син, му стави круна и му го даде Сведоштвото и го помаза за цар. Плескаа со рацете и викаа: „Да живее царот!”

13 Кога Готолија ја чу виката на народот, дојде кај народот во Господовиот Дом.

14 Погледа подобро, кога ете, царот, според обичајот, стои на своето место, а пред царот повелници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби. Тогаш Готолија ги раскина облеките и извика: „Предавство! Предавство!”

15 Свештеникот Јодај им нареди на стотниците и воените заповедници: „Изведете ја низ редовите, и кој ќе тргне по неа, погубете го со меч.” Уште свештеникот додаде: „Немојте да ја погубите во Господовиот Дом.”

16 Ги ставија рацете на неа, а кога низ Коњската Врата стигнаа до царскиот дворец, таму ја погубија.

17 Тогаш Јодај склучи Завет меѓу Господа и царот и народот; и меѓу царот и народот за да биде народот Господов народ.

18 Потоа сиот народ отиде во Валовиот храм, и го разурнаа, ги срушија жртвениците и ги искршија ликовите; а Валовиот свештеник Матан го убија пред жртвениците. А свештеникот пак постави стражи кај Господовиот Дом.

19 Потоа ги зеде стотниците на Каријците, стражата и сиот народ. Тие го изведоа царот од Господовиот Дом и го воведоа во дворецот низ Стражарската Врата. И Јоас седна на царскиот престол.

20 Сиот народ се веселеше и градот се смири кога ја убија Готолија со меч во царскиот дворец.

21 На Јоаса му беа седум години кога се зацари.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25