2 Цареви 14 MKB

1 Во втората година на царувањето на Јоас, синот Јоахазов, над Израел, јудејски цар стана Амасиј, синот Јоасов.

2 Му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана и беше од Ерусалим.

3 Правеше што е право во Господовите очи, ама не сосем како неговиот прататко Давид. Во сè го следеше Јоаса, својот татко.

4 Ама не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места.

5 Кога го зацврсти царството, ги погуби оние стотници кои што му го убија таткото.

6 Но не ги погуби синовите на тие убијци, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот закон, каде Господ заповеда: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите ни синовите за татковците, туку секој нека гине за својот грев.”

7 Тој ги разби Едомците во Солената Долина, нив десет илјади, и во битката ја зазеде Села; и го даде името Јоктиел, што го носи до денешниот ден.

8 Тогаш Амасиј му испрати гласници на израелскиот цар Јоас, синот на Јујовиот син Јоахаз, и му порача: „Дојди да се видиме лице в лице!”

9 А израелскиот цар Јоас му одговори на јудејскиот цар Амасиј: „Ливанскиот трн еднаш му испрати гласници на ливанскиот кедар: ‘Дај му ја ќерка ти на мојот син за жена,’ ама дивите ливански ѕверови поминаа и го изгазија трнот.

10 Ги разби Едомците, па срцето ти збесна и бараш слава! Подобро остани дома. Зошто го предизвикуваш злото и сакаш да пропаднеш ти и сите Јудејци со тебе?”

11 Ама Амасиј не послуша. Израелскиот цар Јоас излезе, та се сретнаа во бој, тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет Семес, во Јудеја.

12 Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа секој под својот шатор.

13 Израелскиот цар Јоас го фати во Вет Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Охозиин, и го одведе во Ерусалим. Тогаш го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аглената Врата, во должина од четири стотини лакти.

14 Откако го зеде сето злато, сребро и садовите што се наоѓаа во Господовиот Дом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија.

15 Другата Јоасова повест, сè што направи и преземал, и како војувал со Амасиј, јудејскиот цар, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

16 Јоас почина со своите татковци и е погребан во Самарија покрај израелските цареви. Неговиот син Јеровоам се зацари место него.

17 Амасиј, синот Јоасов, јудејскиот цар, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, синот Јоахазов.

18 А другата Амасиева повест, зар не е запишана во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

19 Против него направија завера во Ерусалим. Иако тој избега во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе кои го убија таму.

20 Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа во Ерусалим покрај неговите татковци, во Давидовиот Град.

21 Тогаш сиот јудејски народ го зеде Азариј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија место неговиот татко Амасиј.

22 Тој пак го изгради Елат и и го врати на Јудеја, откако царот почина кај своите татковци.

23 Во петнаесеттата година на царувањето на јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, израелски цар во Самарија стана Јеровоам, синот Јоасов. Тој царуваше четириесет и една година.

24 Правеше што е зло во Господовите очи, не се остави од ниеден грев на Јеровоама, синот Наватов, кој го заведе Израел во грев.

25 Тој го доби назад израелското подрачје од Влезот во Емат до Мртвото Море, според словото што Господ, Израелевиот Бог, го рече преку Својот слуга Јона, синот Аматиев, пророк од Гат Ефер.

26 Зашто Господ ја виде лутата неволја на Израел, дека веќе нема ни слободни ни робови и никој да му помогне на Израел.

27 Но Господ не одлучи да го избрише Израелевото име под небото: го спаси со раката на Јеровоам, синот Јоасов.

28 Другата Јеровоамова повест, сè што направи и сè што преземал, како војуваше и како им го врати Дамаск на Јуда и на Израел, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

29 Јеровоам почина со своите татковци. Го погребаа во Самарија, покрај израелските цареви, а неговиот син Захариј се зацари место него.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25