2 Цареви 16 MKB

1 Во седумнаесеттата година на царувањето на Факеј, синот Ремалиев, јудејски цар стана Ахаз, синот Јотамов.

2 На Ахаза му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во очите на Господа, својот Бог, како што го правеше тоа неговиот предок Давид.

3 Живееше слично на израелските цареви, и самиот го поминуваше својот син низ оган по гнасниот обичај на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови.

4 Принесуваше жртви и кадеше по високите места и по брежињата и под секое зелено дрво.

5 Тогаш арамејскиот цар Ресин и Факеј, синот Ремалиев, цар на Израел, тргнаа во војна против Ерусалим. Го опсадија, но не можеа да го освојат.

6 Во тоа време арамејскиот цар Ресин им го врати Елат на Едомците; ги протера Јудејците од Елат, и Едомците влегоа во него, и таму останаа до денес.

7 Тогаш Ахаз испрати пратеници при асирскиот цар Теглат Феласар да му речат: „Јас сум твој слуга и твој син! Дојди и избави ме од рацете на арамејскиот цар и на царот на Израел, кои се подигнаа против мене.”

8 Ахаз ги зеде среброто и златото што се наоѓаа во Господовиот Дом и во благајните на царскиот дворец, и му испрати сè како дар на асирискиот цар.

9 И асирискиот цар го послуша: отиде против Дамаск и го освои. Жителите ги одведе во Кир, а Ресина го погуби.

10 Царот Ахаз отиде во Дамаск во пресрет на асирискиот цар Теглат Феласар. И го виде жртвеникот што беше во Дамаск. Тогаш царот Ахаз му ги испрати на свештеникот Уриј мерките на жртвеникот, неговиот нацрт и сите подробности на неговата градба.

11 Свештеникот Уриј изгради жртвеник; сите напатствија што царот Ахаз ги испрати од Дамаск, свешетеникот Уриј ги изврши пред да се врати царот Ахаз од Дамаск.

12 Откако царот Ахаз стигна од Дамаск, го виде жртвеникот, му пристапи и принесе жртва.

13 Ги изгоре врз жртвеникот својата паленица и својот лебен принос, ја излеа својата налевница и со крвта од помирителната жртва го попрска жртвеникот.

14 Бронзениот жртвеник, кој беше пред Господа, го отстрани пред Храмот, каде беше меѓу новиот жртвеник и Господовиот Дом. И го стави покрај новиот жртвеник од кон север.

15 Царот Ахаз му заповеда на свештеникот Уриј: „Врз големиот жртвеник ќе ги спалуваш утринската паленица и вечерниот лебен принос, царевата паленица и неговиот лебен принос; и палениците, лебните приноси и налевниците на целиот народ. Врз него ќе ја излеваш сета крв од палениците и крвните жртви. А за бронзениот жртвеник уште ќе размислам.”

16 Свештеникот Уриј направи како што му нареди царот Ахаз.

17 Царот Ахаз ги извади рамките од подножјата; од нив ги извади и мијалниците. А бронзеното море го спушти од воловите што стоеја под него и го стави врз камениот под.

18 Пред асирискиот цар ги отстрани од Господовиот Дом Саботниот Ходник што го беа изградиле, и надворешниот царски пристап.

19 Другата Ахазова повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

20 Ахаз почина со своите татковци, и е погребан во Давидовиот Град. На негово место се зацари син му Езекија.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25