17 Амасиј, синот Јоасов, јудејскиот цар, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, синот Јоахазов.
18 А другата Амасиева повест, зар не е запишана во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?
19 Против него направија завера во Ерусалим. Иако тој избега во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе кои го убија таму.
20 Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа во Ерусалим покрај неговите татковци, во Давидовиот Град.
21 Тогаш сиот јудејски народ го зеде Азариј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија место неговиот татко Амасиј.
22 Тој пак го изгради Елат и и го врати на Јудеја, откако царот почина кај своите татковци.
23 Во петнаесеттата година на царувањето на јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, израелски цар во Самарија стана Јеровоам, синот Јоасов. Тој царуваше четириесет и една година.