1 Во третата година на царувањето на Осиј, синот Илин, во Израел, јудејски цар стана Езекија, синот Ахазов.
2 Му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерката Захариева.
3 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како неговиот татко Давид.
4 Тој ги отстрани високите места, ги разурна столбовите, ги исече ашерите и ја скрши змијата од бронза, што ја беше направил Мојсеј. Израелците сè дотогаш и принесуваа жртви. Ја викаа Неустан.
5 Се надеваше во Господа, Израелевиот Бог. Ни пред него ни по него му немаше рамен меѓу јудејските цареви.
6 Се прилепи кон Господа и никогаш не се сврти од Него. Ги пазеше сите заповеди што ги даде Господ преку Мојсеја.
7 И Господ беше со него, го помагаше во сите негови потфати. Се побуни против асирискиот цар и веќе не му беше потчинет.