2 Цареви 18:28-34 MKB

28 Тогаш големиот достоинственик се исправи и ги извика со сиот глас на јудејски овие зборови: „Чујте ги зборовите на големиот цар, асирискиот цар!

29 Царот вели вака: ‘Езекија нека не ве измамува, зашто не може да ве избави од мојата рака.

30 Езекија нека не ве охрабрува со надежта во Господа велејќи: „Господ ќе не избави бездруго, овој град нема да падне во рацете на асирискиот цар.”‘

31 Не слушајте го Езекија, зашто вака вели асирискиот цар: ‘Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој од вас нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец,

32 додека не дојдам и не ве одведам во земјата што е како вашата, во земја на жито и вино, во земја на масло и мед, за да живеете и за да не изумрете. Не оставајте да ве мами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.”

33 Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирискиот цар?

34 Каде се боговите ематски и арфадски, каде се боговите сефарваимски, енски и авски, каде се самариските богови за да ја избават Самарија од мојата рака?