2 Цареви 18:30-36 MKB

30 Езекија нека не ве охрабрува со надежта во Господа велејќи: „Господ ќе не избави бездруго, овој град нема да падне во рацете на асирискиот цар.”‘

31 Не слушајте го Езекија, зашто вака вели асирискиот цар: ‘Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој од вас нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец,

32 додека не дојдам и не ве одведам во земјата што е како вашата, во земја на жито и вино, во земја на масло и мед, за да живеете и за да не изумрете. Не оставајте да ве мами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.”

33 Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирискиот цар?

34 Каде се боговите ематски и арфадски, каде се боговите сефарваимски, енски и авски, каде се самариските богови за да ја избават Самарија од мојата рака?

35 Кои од сите богови на тие земји ја избавија својата земја од мојата рака, за да го избави Господ Ерусалим од мојата рака?’”

36 Молчеа, и не одговорија ниту збор, зашто царот беше заповедал: „Не одговорувајте му!”