2 Цареви 19:19-25 MKB

19 Но сега, Господи, Боже наш, избави нè од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.”

20 Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што Ми ја упати заради Сенахирим, асирискиот цар.

21 Еве ги зборовите што Господ ги објави против него: Те презира, ти се руга девицата, Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.

22 Кого го навредуваше, хулеше? На кого викаше гласно, дигаше горделив поглед? На Израелевиот Светец!

23 Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: „Со множество коли, јас се искачив на врвот на гората, на највисоките врвови на Ливан. Му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Му го достигнав највисокиот врв и неговата гориста градина.

24 Копав и пиев туѓи води; со стапалата тогаш ги исушив сите египетски реки.”

25 Слушаш ли добро? Одамна тоа го подготвував, го смислував од искон, сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини.