2 Цареви 19:20-26 MKB

20 Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што Ми ја упати заради Сенахирим, асирискиот цар.

21 Еве ги зборовите што Господ ги објави против него: Те презира, ти се руга девицата, Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.

22 Кого го навредуваше, хулеше? На кого викаше гласно, дигаше горделив поглед? На Израелевиот Светец!

23 Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: „Со множество коли, јас се искачив на врвот на гората, на највисоките врвови на Ливан. Му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Му го достигнав највисокиот врв и неговата гориста градина.

24 Копав и пиев туѓи води; со стапалата тогаш ги исушив сите египетски реки.”

25 Слушаш ли добро? Одамна тоа го подготвував, го смислував од искон, сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини.

26 Нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите опалена од источниот ветар.