5 ”Врати се и речи му на Езекија, на главатарот на Мојот народ, ‘Господ, Бог на твојот татко Давид, вели вака: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи, ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом.
6 Ќе му додадам на твојот век уште петнаесет години. Ќе ве избавам тебе и овој град од рацете на асирискиот цар; ќе го закрилам овој град заради Себе и заради Својот слуга Давид.”‘“
7 Исаија наложи: „Земете облог од смокви, завиткајте му го врз чирот, и тој ќе оздрави.”
8 Езекија го праша Исаија: „По кој знак ќе знам дека Господ ќе ме излечи и дека по три дни ќе влезам во Господовиот Дом?”
9 Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи што рекол: сакаш ли сенката да се помрдне за десет стапки напред или да се врати за десет стапки?”
10 Езекија одговори: „Лесно е да се помрдне сенката за десет стапки напред! Не! Сенката нека се врати за десет стапки!”
11 Пророкот Исаија извика кон Господа, и Тој направи да се врати сенката. Слезе за десетте последни стапки на Ахазовиот сончев часовник.