2 Цареви 22:14-20 MKB

14 Свештеникот Хилкиј, Ахикам, Ахвор, Сафан и Асај отидоа кај пророчицата Олда, жената на Салум, синот Текуев, синот Арасев, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го рекоа тоа,

15 таа им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Кажете му на човекот што ве испрати кај мене:

16 ”Господ вели вака: ‘Еве, ќе доведам несреќа врз овој град и врз неговите жители, ќе извршам сè што вели свитокот кого го прочита јудејскиот цар.

17 Зашто Ме оставија и им принесуваат жртви на туѓи богови за да Ме лутат со сите дела на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и нема да угасне.’”‘

18 А на јудејскиот цар, кој ве испрати за Господов совет, речете му вака: ‘Вака вели Господ, Израелевиот Бог: „За зборовите што ги чу -

19 бидејќи ти смекна срцето, и зашто се понижи пред Господа откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, кои ќе ги погодат запустување и проклетство, и зашто ги раскина своите облеки и зашто плачеше пред Мене, затоа те послушав - слово е Господово.

20 Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот за да не ја видиш со свои очи сета несреќа што ќе ја доведам на ова место.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.