2 Цареви 23:26-32 MKB

26 Сепак, Господ не се откажа од пламенот на Својот голем гнев со кој зовре против Јудејците заради сите предизвици со кои го лутеше Манасиј.

27 Господ одлучи: „Ќе ги отфрлам Јудејците од пред Себе, како што ги отфрлив Израелците; ќе ги отфрлам овој град што го избрав, Ерусалим, и Домот за кого реков: ‘Тука ќе биде Моето Име.’”

28 Другата Јосиева повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

29 Во негово време фараонот Нехаон, египетскиот цар, тргна против асирискиот цар, на реката Еуфрат. Царот Јосиј тргна пред него, ама тој го уби во Мегидон, при првата средба.

30 Неговите слуги му го пренесоа телото со кола од Мегидон, го префрлија во Ерусалим и го погребаа во неговата гробница. Сиот народ на земјата го прими Јоахаз, синот Јосиев; го помазаа и го прогласија за цар место неговиот татко.

31 На Јоахаза му беа дваесет и три години кога се зацари. Царуваше три месеци во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Амутала, ќерка Еремиева, од Ливна.

32 Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеа неговите татковци.