2 Цареви 24:11-17 MKB

11 Дојде и вавилонскиот цар Навуходоносор за да го нападне градот, додека неговите луѓе го опсадуваа.

12 Тогаш јудејскиот цар Јоахин излезе пред вавилонскиот цар: тој, неговата мајка, неговите слуги, неговите војсководачи и дворјаниците, а вавилонскиот цар го зароби. Тоа беше во осмата година на Навуходоносоровото царување.

13 Тој однесе сè од ризницата на Господовиот Дом и од ризницата на царскиот дворец, и ги скрши сите златни предмети што Соломон, царот на Израел, ги направи за Господовото Светилиште. Така се исполни Господовото слово.

14 Ги одведе на заточение сиот Ерусалим, сите полководци и сите смели борци, околу десет илјади заточеници, со сите ковачи и бравари. Единствено остана најбедниот народ на земјата.

15 Го одведе Јоахина во Вавилон; исто така и царевата мајка и сите цареви жени, неговите дворјанци, моќните на земјата, сите ги одведе од Ерусалим во пленство во Вавилон.

16 Сите способни луѓе, седум илјади, ковачите и браварите илјада на број; сите јунаци способни за бој, сите ги одведе вавилонскиот цар, во Вавилон, во пленство.

17 Вавилонскиот цар го постави за цар место Јоахина неговиот стрико Матаниј, но му го смени името во Седекија.