1 Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со својата војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи.
2 Градот остана опколен до единаесеттата година на Седекиевото царување.
3 Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таков глад што простиот народ немаше ни леб,
4 непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу двата ѕида над Царската Градина - Халдејците го имаа опколено градот - и тргнаа по патот кон Арава.
5 Халдејските чети тргнаа во потера по царот и го настигнаа во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега.
6 Халдејците го фатија и го одведоа во Ривла пред вавилонскиот цар, кој што му изрече пресуда.
7 Ги закла Седекиевите синови пред неговите очи, на Седекија му ги ископа очите, го окова во окови и го одведе во Вавилон.