2 Цареви 4:28-34 MKB

28 А таа рече: „Зар јас барав син од мојот господар? Нели ти зборував да не ме измамуваш.”

29 Тогаш тој му рече на Гиезиј: „Опаши се, земи го во раката мојот стап, па оди! Ако сретнеш некого, не го поздравувај; ако некој те поздрави, не отпоздравувај му. Положи го мојот стап врз детето.”

30 Ама мајката на детето рече: „Жив ми Господ и жива да е твојата душа, не ќе те оставам!” Тогаш тој стана и тргна по неа.

31 Гиезиј отиде пред нив и го положи стапот врз детето, ама немаше ни глас ни одѕив. Тој се врати пред Елисеј и му јави: „Детето не се разбуди.”

32 Елисеј влезе во куќата и го најде детето како лежи мртво на неговата постела.

33 Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа.

34 Потоа се качи на постелата, легна на детето, ја сложи својата уста на неговата уста, своите очи на неговите очи, своите раце на неговите раце; дишеше над него, те се стопли телото на детето.